Биографијата се темели врз исказите на самата сликарка, несомнено „поткрепени“ со романтична реторичност во нарацијата и лична митологија, разбирливи за нејзините бегалски премрежија и за возраста во која ги раскажувала овие автобиографски сеќавања. Користени се исказите и на нејзиниот син Ѕвездомир, забележани од страна на кустосите од МСУ.
7 април 1910

Се раѓа Кераца Висулчева во с. Нестрам, Костурско (Егејска Македонија). Нејзиниот татко е учител, а мајка и е домаќинка. Тие имале 6 деца од кои само четири преживеале. Денес од сите нив само Кераца Висулчева останува да сведочи за една типична балканска одисеја. Таа самата вака го опишува местото на нејзиното потекло: „Родена сум некаде во пролетта на 1910 година во едно бистро планинско село во Костурско, во селото Нестрам или „Питачко Село“, како што го викаа таму. Таму, покрај нашето село од секогаш минувале војски и зад себе оставале слепи. А над селото, на бреговите имаше пештери во кои се беа вселувале слепите. Темнината на пештерите одела, се чини, заедно со човечкиот мрак. Преку ден излегувале и питале по селата, а со мракот се враќале во темните пештери, во сопствениот мрак, од таму и селото го добило презимето -„Питачко Село“.

1913

Нејзиното семејство набргу го напушта родниот крај и се преселува во Бугарија. „Мојот татко, Венизелос го осуди на смрт, зашто беше отворил македонско-славјански училишта и славјански цркви во Грција. Поради ова во 1912 година го затворија во Костурскиот затвор. Но тој од таму побегна. Во хартијата што излезе по него се велеше каде и да го најдат, да го убијат.