За животот и дејноста на св. Наум Охридски постојат оскудни податоци. Иако животниот пат на светите Климент и Наум Охридски во одредени периоди течат речиси идентично, св. Наум е во сенка во однос на св. Климент.

  Изворите од кои се црпат податоци за него се: двете словенски житија, грчкото житие, Панонските легенди и Пространото Климентово житие. Овие расположиви извори овозможуваат реконструирање на неговата животна врвица како просветител, духовник и мисионер.

  Не постојат ниту најнужни податоци во врска со неговото конкретно потекло, место на раѓање и образование.

  Од Второто житие на св. Наум дознаваме дека тој потекнувал од благородни родители чие воспитување придонело богатството да го смета за плевел. Житието соопштува дека тој израснал во Мизија. Се претпоставува дека е роден околу 830 година. Уште од своите рани години „се присоединил кон рамноапостолите Константин Философ и брат му Методиј" и ги придружувал „дури до стариот Рим".

 Остануваат за разрешување прашањата: како и каде се запознал со солунските браќа, како ги поминал детските и младешките години. Во краткото Климентово житие се вели дека во најраната младост светите Климент и Наум го изучиле Светото Писмо од што може да се заклучи дека нивниот животен пат бил заеднички: „како Самуил, тој (Климент) уште од стомакот на мајка си бил избран од Бога и уште како дете го засакал богоугодниот живот. Прв заедно со божествениот Наум, Ангелариј и Горазд внимателно го изучил Светото Писмо...".

  Св. Наум Охридски во изворите се спомнува директно и индиректно. Соодветно на неговиот монашки подвиг животот го минувал мошне скромно, интровертно, не сакајќи да остави податоци за себе.

 Најстарото Наумово словенско житие започнува со дејноста на св. Наум во Кутмичевица како учител, откако св. Климент бил назначен за велички епископ. Но, житието директно преминува кон последните години на животот на св. Наум при изворот на Белото Езеро.

 Второто словенско Наумово житие дава повеќе податоци за неговиот живот и дејност. Во воведниот дел се истакнува благородното потекло на св. Наум кој уште од најраните години им се придружил на светите учители Кирил и Методиј. Како нивен доследен ученик учествувал во Моравската мисија и во акциите во Рим. Житието известува и за ракоположувањето на светите Климент и Наум од страна на папата Адријан.

 Императорот Михаил III решил да ги испрати солунските браќа светите Кирил и Методиј заедно со нивните ученици на мисионерска дејност во Моравија. Пред заминувањето во оваа важна Моравска мисија, св. Кирил заедно со братот св. Методиј и нивните ученици ги создале „словенските книги". За таа цел е создадена словенската азбука, преведени се и напишани книги на словенски јазик. За потребите на црковната богослужба биле преведени: изборното евангелие, изборниот апостол, делови од псалтирот, делови од октоихот, минејот и триодот.

 Во Велика Моравија светите Кирил и Методиј имале мошне тешка и одговорна просветно-мисионерска дејност: воведување словенска богослужба во моравските цркви, ширење на словенската писменост и култура, борба против тријазичниците. Но, уште на самиот почеток нивната дејност наишла на отпор од страна на германските свештеници. Нивната активност била наклеветена кај римскиот папа Никола I и затоа тие морале да заминат во Рим за да ја оправдаат својата мисија. Но, до нивна средба не дошло, бидејќи во 867 година папата починал. Истата година е извршен династички пресврт во Византија: императорот Михаил III е убиен, а неговото место го зазел Василиј I Македонец. По пристигнувањето во Рим наместо да бидат осудени за својата работа, браќата Кирил и Методиј и нивните ученици биле свечено пречекани од новиот папа Адријан II. Тој официјално ја одобрил нивната словенска дејност. Словенските книги кои ги носеле со себе византиските мисионери, по наредба на папата биле поставени во црквата „Света Марија" и во неа била извршена литургија на словенски јазик. Папата го одобрил словенското учење и дозволил словенското евангелие да се постави на олтарот во црквата Св. апостол Петар. Папата заповедал и добивање на свештенички чинови: „да посвети од словенските ученици тројца свештеници и тројца чтеци". Со свештенички чинови се здобиле Кирил, Климент и Наум, а Методиј е хиротонисан за архиепископ на Моравија и цела Панонија. Одредени научници сметаат дека тоа се случило во 868, а други во 869 или 870 година.

  Но, за време на престојот во Рим починал св. Кирил во 869 година и свечено бил закопан во црквата Св. Климент. По неговата смрт св. Методиј го зазел челното место на Панонската епископија. Неговата активност била помагана од неговите лојални ученици. Германските свештеници не биле помирени со неговата активност, па затоа тој се нашол и во германски затвор во кој останал од 871 до 873 година. По ослободувањето св. Методиј ја продолжил својата дејност. Се до смртта на Методиј на 6. IV 885 година, неговите ученици ги извршувале своите должности. Но, новиот римски папа Стефан V ги подложил на жестоки непријатни понижувања од страна на германските свештеници. Еден дел од нив биле продадени како робови, а еден дел се спасил со бегство во бугарската држава. Меѓу оние кои се спасиле биле и светите Климент и Наум.

  Во Второто Наумово житие се вели: „Наум и Климент дојдоа во илирските и лихнидиски земји. И во Деволскиот Лиман, на крајот на езерото на Охридскиот град, во меѓуречјето, Наум изгради голем манастир и храм на чиноначалникот Архангел Михаил".

  Од Првото Наумово житие се дознава дека по назначувањето на Климент за епископ од страна на бугарскиот владетел Симеон во 893 година, тој го испратил „Наум да учителствува наместо него. И тој, вршејќи, исто така богоугодни дела, си остана невин од детство па се до крај. Изгради манастир „црквата Свети Архангели" кај изворот на Белото езеро и учителствува седум години".

  Според постарото Наумово житие манастирот бил изграден во 900-тата година, а според второто житие во 905-та година.

  Интересно е прашањето зошто манастирот кој го изградил св. Наум бил посветен на небесните воини на чело со архангелот Михаил? Според В. Сл. Киселков можеби манастирот е наречен во чест на архангел Михаил поради тоа што бил материјално потпомогнат за изградбата од царот Михаил-Борис и неговиот син Симеон. А можеби и затоа што новопокрстениот цар Михаил-Борис штотуку навлегувал во учењето на христијанската вера во која секако се говори за предводникот на небесната хиерархија, архангел Михаил.

 Св. Наум кога пристигнал во охридско-деволскиот крај веќе била развиена Климентовата просветно-книжевна дејност. Со назначувањето на Климент за прв словенски епископ, Наум успешно ја продолжил неговата започната дејност: градење на цркви и манастири, организирање на црковниот живот, развивање на православната христијанска богослужба, совладување на словенската азбука, препишување на книги, преведување на неопходните црковни книги, калемење на овошки и др. Веројатно дека св. Климент повремено се враќал во Охрид и така св. Наум можел да ги користи неговите учителски искуства во Охридската книжевно-просветна школа и Прв словенски универзитет во кој се оспособиле и обучиле над 3500 ученици. Св. Климент несомнено влијаел со својата харизматичност како духовник, литературен преведувач и оригинален писател.

 Се до својата смрт на 23. XII 910 година, св. Наум останал најблизок соработник на св. Климент: „откако изгради се благоугодно на бога, почина таму блажениот Наум во длабока старост и ја предаде својата душа во божјите раце на 23-ти декември. А чесното тело му беше облечено од божествените раце на Христовиот архиереј Климент Охридски и положено свечено во гробот во десното крило на храмот".

 Во науката спорно е прашањето дали светите Климент и Наум биле духовни или родени браќа. Постојат разноликости во однос на ова прашање, но се е поголем бројот на научниците кои сметаат дека светите Климент и Наум Охридски се духовни браќа. П, А. Лавров, Л. Н. Туницки и А. Теодоров - Балан сметаат дека тие се родени браќа, бидејќи немало вообичаена пракса епископ, презвитер или монах да се нарекуваат браќа во духовна смисла. Но, оваа дилема се разрешува со текстот од второто Наумово житие во кое се вели: „кога го поставија Климента за епископ, истиот благоверен цар Симеон го прати Наума, другарот негов, на негово место за учител". Значи, именката другар отвора широка светлина врз дилемите околу ова прашање.

  Податоци за просветителот св. Наум Охридски се црпат и од неговото житие напишано на грчки јазик, познато како Македонска легенда. Според хронолошката старост ова житие е второ по ред, бидејќи првото словенско Наумово житие потекнува од X век, а грчкото житие е од XIII век. Второто Наумово житие е од XVI век. Грчката Аколутија печатена во москополската печатница е објавена во XVIII век од средствата на манастирот Св. Наум.

  Значи, просветителската дејност на св. Наум Охридски се движела на релација: Моравија, Панонија, Преслав, Кутмичевица, Охрид.

  Просветителската дејност се извршувала преку три различни форми:

  1.Просвештение крештением т. е. преку црковни обреди и служби.

 2.Просвештение братољубием т. е. со живот според евангелскиот принцип на љубовта.

 3. Просвештение буквами т. е. преку описменување и книги.

 Светите Наум и Климент во Кутмичевица остануваат по седум години како учители. Средновековниот училишен систем опфаќал седум наставни дисциплини: граматика, реторика, дијалектика, музика, математика, цртање и гимнастика. Угледувајќи се на примерот на апостолите тие во пар дејствувале деноноќно на полето на просветата и црковната организација. Тоа е т.н. просветителство со удвоени сили.

 Една од причините за доаѓањето на св. Наум од Преслав во Кутмичевица кај св. Климент е заедничкиот став во однос на писмото создадено од Константин - Кирил, глаголицата и несогласувањето со гркофилските идеи во источна Бугарија каде што се форсирала кирилицата.

 Создавање азбука, каква што била глаголицата која ги покривала сите словенски гласови и пишување преводи на јазик што дотогаш немал книжнина, е мошне сложена работа за која се неопходни долготрајни подготовки. Константин- Кирил со своите лингвистички способности и филолошка ерудиција најмногу придонел за создавањето на глаголицата Влијанието на семитското писмо е неспорно. Кирил знаел еврејски и превел еврејска граматика на грчки јазик. Нацртот на буквата ш е позајмен со иста фонетска вредност од еврејската азбука. Семитското влијание се забележува и во положбата на знаците на глаголицата кои висат на горната линија како семитските. Најголем број од глаголските букви се образувани од трите доминантни христијански симболи: крст, триаголник и круг. Крстот го симболизира христијанството, триаголникот Света Троица, а кругот вечноста и бесконечноста.

  По повлекувањето на св. Наум во неговиот манастир тој раководел со духовниот живот на монасите, а истовремено учествувал и сугерирал широко книжевна и препишувачка активност.

 Значи, просветителската, духовната и црковната мисија на св. Наум Охридски биле рамноправно извршувани со далекусежни цели.